ГОЛЕМАТА
СЛИКА
10: БОГ ГО ПОШТЕДУВА СВОЈОТ НАРОД
Излез 12:1-28
ЗАПОЧНУВАЊЕ
15-20 МИН
РАЗГОВОР
-
За што си благодарен?
-
Што ти причинува стрес?
-
Кому му е потребна нашата помош и како можеме да им помогнеме?
РАЗМИСЛИ ЗА ПРЕДХОДНАТА (сесија 2+)
-
Повторно раскажи ја приказната од минатата средба.
-
Што направи поразлично поради оваа приказна
-
Кому му кажа и каква беше нивната реакција?
ПОДЛАБОКО
30-40 МИН
ЧИТАЈ И ПРЕРАСКАЖИ
-
Едно лице го чита на глас текстот од Библијата.
-
Некој друг ја прераскажува приказната, а останатите го дополнуваат тоа што недостасува.
Излез 12:1-28
1 И Господ им рече на Мојсеј и на Арон во земјата египетска, велејќи: 2 „Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината. 3 Кажете му на целиот собор на синовите израелски: ‚На десеттиот ден од овој месец, секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на семејство. 4 Ако се помалку во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колку што треба, за да можат да го изедат јагнето. 5 А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите.
6 И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот собор израелски нека го заколе, во приквечерина. 7 И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и горните прагови на куќата, во која ќе го јадат. 8 И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со горчливи тревки, нека го јадат. 9 Немојте да јадете од него сурово, ниту во вода варено, туку само на оган печено: со главата, со нозете и со внатрешнината. 10 И ништо од него немојте да оставате до утрината; ако, пак, нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.
11 А вака јадете го: опашани околу половината, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова. 12 Зашто ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата египетска, од човек до добиток, и ќе им се одмаздам на сите египетски богови, зашто Јас сум Господ. 13 А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја казнам египетската земја.
14 И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господ; празнувајте го од колено на колено; како трајна уредба. 15 Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас од првиот до седмиот ден, тој ќе биде истребен од народот израелски. 16 Во првиот ден да се соберете на свет собор; а и во седмиот ден направете го истото; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите.
17 И славете го празникот Бесквасници, зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како трајна уредба. 18 Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па сѐ до дваесет и првиот ден од истиот месец, до вечерта. 19 Седум денови не смее да има квас во вашите куќи. Бидејќи, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од собранието на Израел, било да е странец или домородец. 20 Ништо со квас немојте да јадете: насекаде каде што престојувате, јадете само бесквасен леб!‘“
21 И ги свика Мојсеј сите старешини израелски и им рече: „Одете и пригответе јагне, за семејствата свои, и заколете Пасха. 22 Потоа земете китка исоп и натопете ја во крвта, што е во садот, и попрскајте ги горните прагови и обата довратника со крвта од садот и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина. 23 И кога ќе помине Господ да го казнува Египет, штом ќе ја види крвта на горниот праг и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива.
24 Пазете го ова како закон за себе и за синовите свои довека. 25 И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, извршувајте ја оваа служба. 26 И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‚Каква ви е таа служба?‘ 27 Одговорете: ‚Тоа е Пасхална жртва на Господ, Кој ги одмина куќите на синовите израелски во Египет, убивајќи ги Египќаните, а домовите наши ги зачува.‘“ – Тогаш народот, се наведна и се поклони.
28 И отидоа синовите израелски и направија така: како што им заповеда Господ преку Мојсеј и Арон, така направија.
ПРАШАЊАТА
-
Што стихот вели за Бог, Исус или за неговиот план?
-
Што стихот кажува за луѓето?
ЛИЧНА ПРИМЕНА
15-20 МИН
-
Според ова проучување, што правам добро?
-
Што треба да променам / исполнам?
-
Кој треба да ја слушне оваа приказна и како можам да им кажам?
-
Кого можам да поканам на проучување на Библијата?